Видео архива

горење на жива(II) тиоцијанат

Жива(II) тиоцијанатот е бела супстанца која е запалива и при горење се распаѓа на елементарна жива, јаглерод диоксид, сулфур диоксид и азот, како и елементарен сулфур и јаглерод. При горењето доаѓа до образување на волуминозен остаток од добиениот јаглерод и сулфур.

Не е можно да се даде едноставно објаснување за хемизмот на реакцијата на согорување на жива(II) тиоцијанатот. Се претпоставува дека првиот чекор од реакцијата е разложување на супстанцата според равенката:

 

2Hg(SCN)2(s) = 2HgS(s) + CS2(g) + C3N4(s)

 

Дел од жива(II) сулфидот преминува во елементарна жива според равенката:

 

HgS(s) + O2(g) = Hg(g,s) + SO2(g),

 

додека пак, C3N4 се распаѓа:

 

C3N4(s) = (CN)2(g) + N2(g) + C(s)

 

Дел од образуваната елементарна жива останува „заробена“ во јаглеродот,  а другиот дел , во облик на ситно диспергирана жива се нафаќа на плочката на која се изведува експериментот. Јаглерод дисулфидот кој се добива се пали уште при самото добивање и при тоа се добиваат јаглерод диоксид и сулфур диоксид:

 

CS2(g) + 3O2(g) = CO2(g) + 2SO2(g)

 

Но, затоа што овој дел од реакцијата се одвива при недоволен пристап на кислород, доаѓа до образување и на елементарен сулфур:

 

CS2(g) + 2O2(g) = CO2(g) + SO2(g) + S(s)

Реакција меѓу течен азот диоксид и анилин

По додавањето на анилинот во колбата со течен азот диоксид, доаѓа до самозапалување на анилинот, при што тој согорува и на отворот од колбата се јавува пламен кој како млаз излегува од колбата (Слика 2). На внатрешноста од колбата останува црна скрама која потекнува од образуваниот јаглерод, кој пак е резултат на нецелосното согорување на анилинот. Реакцијата на образување на азот диоксидот може да се претстави со равенката:

 

Cu(s) + 4HNO3(aq) = Cu(NO3)2(aq)  + 2NO2(g) + 2H2O(l)

 

При ладење на гасовитиот азот диоксид, се добива течен, кој е во рамнотежа со димерот диазот тетраоксид. При тоа рамнотежата, кога се работи за течна агрегатна состојба, е повеќе поместена кон N2O4:

 

2NO2(g) = N2O4(l)

 

Теоретски, согорувањето на анилинот може да се прикаже со хемиската равенка:

 

8C6H5NH2(l) + 62NO2(l) = 48CO2(g) + 35N2(g) + 28H2O(g)

или

8C6H5NH2(l) + 36N2O4(l) = 48CO2(g) + 35N2(g) + 28H2O(g)

 

Принципот на приготвување ракетни горива е ист како начинот кој е опишан во овој експеримент. Две течности се мешаат при што доаѓа до образување само на гасовити продукти. Ако се користи диметил хидразин (тоа е супстанца користена како ракетно гориво) или пак безводен метил хидразин, нема да дојде до издвојување на јаглерод, т.е. ќе се образуваат само гасовити продукти.

<< претходно | | следно >>
© 2017. Институт за хемија, ПМФ, УКИМ, Скопје.