Д-р Благоја ТОПУЗОВСКИ, редовен професор (во пензија), е роден на 10 февруари 1932 г. во Галичник. Средно образование завршил во гимназијата „Цветан Димов” во Скопје. Во учебната 1951/52 г. се запишал на студии по хемија на Филозофскиот факултет во Скопје. Дипломирал во 1956 г. на матичниот факултет. Докторската дисертација ја работел под менторство на проф. Иван Филиповиќ (професор на Универзитетот во Загреб). Докторирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје во 1965 г., бранејќи ја тезата „Испитување на комплексите на метални јони во раствори од глицеринска киселина”. Од 1955 г. бил ангажиран на Катедрата за хемија на Филозофскиот факултет за изведување на практикумот по аналитичка хемија. Во 1958 г. Благоја Топузовски е примен за асистент на Хемискиот институт при Природно-математичкиот факултет во Скопје. По докторирањето (во 1967 г.) е избран за доцент. За вонреден професор е избран во 1973 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а за редовен - во 1979 г. на Хемискиот факултет во Скопје. Од 1 октомври 1996 г. е во пензија. Проф. Топузовски изведувал настава по физичка хемија (за студентите по хемија), општа хемија (за студентите по физика) и долга низа години, настава по медицинска хемија (за студентите од Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет). Проф. Топузовски бил ментор при изработката на една докторска дисертација и две мегистерски работи, а бил член на комисии за одбрана на повеќе докторски и магистерски тези. Повеќе години бил член на Унијата на хемиските друштва на поранешна Југославија за изработка на хемиската терминологија. Проф. Топузовски реализирал 4 кратки студиски престои на Карловиот универзитет во Прага. Научноистражувачката работа му е од областа на електроаналитичката хемија. Се занимава со определување на константите на стабилност на метални јони со лиганди на органски киселини. Тој е основоположник на поларографските испитувања на Институтот за хемија. Бил раководител и учесник на повеќе научноистражувачки проекти. Во текот на работниот век проф. Топузовски вршел многубројни одговорни функции: бил продекан на Хемискиот и на Природно-математичкиот факултет, шеф на Институтот за хемија, раководител на Заводот за неорганска хемија и претседател на Советот на Природно-математичкиот факултет во Скопје. За својата работа е одликуван со Орден на трудот со златен венец. Добитник е и на Медал за воени заслуги.
Објавил 35 трудови (четири трудови во меѓународни списанија и 32 претежно во национални списанија и зборници на трудови издавани во Македонија). Неговите трудови се цитирани 7 пати. Од 50-те соопштенија, 20 се презентирани на национални собири надвор од РМ и 30 на национални собири одржани во Македонија. Автор е на четири учебници за средното насочено образование и на едно учебно помагало за полагање на квалификациониот испит на Медицинскиот факултет во Скопје.