Д-р Круме КАЛАЈЏИЕВСКИ, редовен професор (во пензија), е роден во Скопје на 28 јануари 1934 г. Средното образование го завршил во Гимназијата „Цветан Димов” во Скопје и во учебната 1952/53 г. се запишал на студии на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата за хемија. Дипломирал на истиот факултет во 1957 г. Во учебната 1973/74 г. се запишал на постдипломски студии при Природно-математичкиот факултет во Скопје, на насоката за неорганска и аналитичка хемија. Магистрирал во 1978 г. на Хемискиот факултет во Скопје, под менторство на проф. д-р Димче Тошев, со одбрана на тезата „Застапеноста на флуорот и јодот во економски поважните видови риби на трите природни езера во СР Македонија”. Во 1983 г. докторирал (под менторство на проф. д-р Тибор Пастор, од ПМФ - Белград), бранејќи го трудот „Приготвување и испитување на особините на хетерогени јон-селективни електроди и нивна примена при определување на органски фармацевтски активни супстанци”. Во последната година од студиите (1956/57) бил примен како приправник на групата за хемија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1957 г. бил избран за асистент и во ова звање бил преизбиран неколку пати, сè до 1984 г. кога (по докторирањето) е избран за доцент на Хемискиот факултет во Скопје. На Природно-математичкиот факултет во Скопје е избран за вонреден (во 1989) и за редовен професор (во 1994 г.). Во пензија заминува во октомври 1998 г. Проф. Калајџиевски изведува настава по предметите аналитичка хемија и инструментална хемија (за студентите од биохемиско-физиолошката насока на Институтот за биологија) и по аналитичка хемија (за студентите од Фармацевтскиот факултет). На постдипломските студии на Институтот за хемија е задолжен да изведува настава по предметот современи електроаналитички методи. Во научноистражувачката работа ги употребува електроаналитичките методи. Специјалност му е изработка и анализи со јоноселективни електроди. Научниот опус на проф. Калајџиевски опфаќа 21 печатен труд (2 труда во меѓународни списанија, 4 во национални списанија надвор од РМ, 14 трудови во списанија издавани во РМ и еден труд печатен во зборник на трудови) и 28 соопштенија (3 биле презентирани на интернационални собири, 13 на национални собири надвор од РМ и 12 на национални собири во РМ). Бил раководител на еден и учесник во три научноистражувачки проекти. Во периодот 1991-1993 г. бил раководител на Заводот за аналитичка хемија.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 20 | 21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 |
| 27 | 28 | 29 | 30 | 31 | 1 | 2 |
| 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 |
| 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 |
| 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 |