На Институтот за хемија секоја година се одржуваат хемиски спектакли. Во последно време, годишно се изведуваат во просек по два спектакла (исклучок беше 2011 во која беа изведени пет различни спектакли, со оглед на тоа што се работеше за година на хемијата).
Постоењето на хемиски спектакли датира од 1994 година. Оваа година тогашниот асистент М. Најдоски и тогашниот доцент В. Петрушевски подготвија серија хемиски експерименти посветени на фосфорот. На спектаклот беа присутни студенти од прва и од четврта година. Поради демонстрирањето на феномени на фосфоресценција (хемилуминисценција), спектаклот беше закажан за вечерните часови, во хемискиот амфитеатар на Институтот за хемија и оттогаш традиционално се одржува, најмалку по еден спектакл во годината во доцните попладневни (или во вечерните) часови. Од 2002 година на спектаклите учествуваат и студенти од завршната година на наставната насока (Марина Монковиќ и Александра Ивановска), а од 2004 година наваму наместо М. Најдоски, организатор на спектаклите е Марина Монковиќ (сега Стојановска).
Во последниве години, организацијата и одржувањето на спектаклите ја презеде групата на Среќни Хемичари (The Happy Chemist - THC group). Спектаклите веќе не се однесуваат само на фосфор (иако во барем еден спектакл во годината има и вакви експерименти). Посетеноста на спектаклите е особено голема во последните години (на последниот хемиски спектакл беа присутни повеќе од 300 заинтересирани ученици, студенти и наставници). Хемиските спектакли, покрај можност за разонода и заедничко дружење, се и начин на кој се врши и реклама (пропаганда) на студиите по хемија.