Д-р Благоја АНДОНОВСКИ, доцент, роден е на 1 март 1963 г. во Куманово. По завршувањето на средното училиште (Гимназија „Гоце Делчев”), во 1981 г., и по отслужувањето на воениот рок, во 1982/83 г. се запишал на студии по хемија (аналитичко-структурна насока) на Хемискиот факултет во Скопје. Дипломирал во 1987 г. на Заводот за чиста и применета физичка хемија на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, под менторство на проф. д-р Глигор Јовановски. Бил најдобар студент во својата генерација. По дипломирањето се запишал на постдипломски студии на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на насоката за аналитичка хемија. Магистерската теза „Испитување на некои реакции на индол и 3-супституирани индоли и нивна примена во спектрофотометрија” (работена под менторство на виш предавач Александар Николовски) ја одбранил во 1992 г. Својата докторска дисертација под наслов: „Испитување на кисело-базните рамнотежи кај индолите” ја одбранил во 1999 г. на Институтот за хемија при ПМФ. Во 1987 г. е примен како приправник на Институтот за хемија, а наредната година е избран за помлад асистент. За асистент е избран во 1993, а преизбран во 1996 г. Во периодот откога е примен на Факултетот, м-р Андоновски изведува вежби по аналитичкохемиски предмети за студентите хемичари. Во 2002 е избран за доцент по предметот аналитичка хемија. Во истражувањата е ориентиран кон инструментални методи на хемиска анализа. Специјалност му се спектроскопските (улравиолетови) методи на анализа. Учествувал во изработката на два научни проекта. Во соработка со професор Симка Петровска-Јовановиќ ја има издадено книгата Збирка на решени задачи по аналитичка хемија (2001 г.). За голема жал на вработените на Институтот за хемија, професор Андоновски многу млад го напушти Институтот за хемија. По подолго боледување почина во 2004 г. со што запре неговата интензивна наставна и научна активност. Членовите на Институтот за хемија секогаш ќе ги паметат неговата скромност и упорност во работата.
Има објавено 25 трудови од кои 10 во меѓународни списанија со IF, 3 во други странски списанија, 11 во списанија во РМ, 2 труда се печатени во зборници на трудови од меѓународни научни собири а 2 во зборници од собири одржани во РМ. Презентирал над 30 соопштенија на интернационални и национални научни собири.