Д-р Даринка КОЦЕВА, вонреден професор (во пензија), е родена во 1929 г. во Кочани. Студирала хемија на Филозофскиот факултет во Скопје. Дипломирала во 1954 г. Во 1979 г. на Хемискиот факултет во Скопје одлично ја одбранила својата докторска дисертација, работена под менторство на професорот Јоже Шифтар. Во 1961/62 г. била на петнаесетмесечен престој на Универзитетот во Љубљана, кадешто работела под менторство на проф. Брчич. По дипломирањето била примена за асистент на Катедрата за хемија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во ова звање била неколку пати преизбрана, за во 1972 г. да биде избрана за предавач на Хемискиот институт при Природно-математичкиот факултет во Скопје. По докторирањето, во 1981 г., е избрана за вонреден професор на Хемискиот факултет во Скопје. Како асистент изведувала вежби по поголем број практикуми на Катедрата за хемија (односно Хемискиот институт). Уште пред да биде избрана во наставничко звање (во 1966/67 г.) и била доверена наставата по аналитичка хемија, која ја изведувала сè до заминувањето во пензија. Научноистражувачката работа на проф. д-р Даринка Коцева е, претежно, од областа на термичката анализа. Работела на проблеми на термичкото распаѓање на различни групи двојни фосфати и арсенати, уранилни соединенија, двојни соли што во својот состав содржат берилиум, хидрогенарсенатни соединенија итн. Работела и на проблеми во врска со реакционата способност на силициумдиоксидот во смеса со MgO и Mg(NO3)2. Се занимавала и со испитувања на содржината на микроелементите во определени видови тутун од Македонија. Има објавено 5 трудови од кои 1 во списание со фактор на влијание. Од октомври 1988 г. е во пензија.