- д-р Крсто Ставриќ

Предмети



Email ks@1.com

Биографија

 

Д-р КРСТО СТАВРИЌ, доцент, е роден на 17 април 1893 г. во Битола. Тука ја завршил (во 1913 г.) грчката класична гим­на­зија, а во 1914 г. и српската. Како гимназијалец работел како аптекарски помошник, што било предуслов за да се за­пише на Фармацевтскиот факултет во Цариград. По избувнувањето на Првата балканска војна, ги прекинал студиите и се вратил во Битола. Од 1914 до 1917 г. бил аптекарски помош­ник, во би­тол­ска­та и солунската воена болница. Поради доб­рото поз­на­вање на странски јазици (турски, грчки, француски, герман­ски, српски, руски и други) бил и воен толкувач (во Солун и Марсеј), што му послужило како препорака за добивање сти­пендија и му овозможило да се запише (во 1917 г.) на сту­дии на Фармацевтскиот факултет во Женева. Паралелно сту­ди­рал и на Филозофскиот факултет (хемија, физика и мине­ра­­ло­гија). Во 1920 г. го завршува Фармацевтскиот, а во 1921 г. и Фи­лозофскиот факул­тет, здо­бивајќи се со титу­ла­та магистер по фармација и док­тор по хемија (насловот на тезата му е „Nou­velles syntheses de pyrimidines”). По враќањето од Швајцарија, како шеф на лабораторија во Белград, со проф. Ѓаја работел на полето на токси­ко­ло­гијата, броматологијата и биохемијата. Во 1923 г. бил наз­на­чен за шеф на лабораторијата и аптеката при Скопската окружна болница, а во 1925 г., по добиената концесија, ја отворил својата аптека со хемиска лабо­ра­торија „Нада” со која ра­ково­дител до 1948 г. и во која произведувал неколку свои патен­ти­ра­ни лекарства (цефалин, рас­твор за лекување на изгореници, и резовит, маст против егземи). За потребите на сопственото производство на рицинусово масло го финансирал садењето на рицинус. На Природно-математичкиот факултет стапил на работа во 1948 г. како предавач, а во 1952 г. бил избран за доцент по аналитичка хемија. Наставник на Институтот бил до 7 јули 1960 г. ко­га настрадал во сообраќајна несреќа. Неговите студенти се сеќаваат на д-р Крсто Ставриќ како на неповторлива жива енци­клопедија на најраз­лич­ни методи и постапки за квантитативни аналитички опреде­лувања, ка­ко на човек кој средствата од својата аптека несебично му ги ставал на располагање на туку­што формираниот Хемиски институт и кој со своето знаење, луцидни идеи и вешти раце успе­ал да ја приспособи зградата на Гази Баба, инсталациите и лабо­ра­то­ри­ите во неа на потребите за изведување практична настава по хемија. Макар што во најголемиот дел од својот животен век работел како аптекар, секогаш го привлекувала и лабораториската и научната работа. Пред Втората светска војна резул­татите од својата работа ги објавувал во Аптекарски гласник и во други списанија. Во последните го­дини од животот работел врз примената на Бернулиевиот закон за опре­де­лување на водата, екстракцијата на никотинот и слично. Во 1956 г. во Љубљана работел на подрачјето на сили­катната хемија и вршел анализи на македонските глини со диферен­цијално-термичка и спектрографска анализа. Ненадејната смрт го спречила да ја заврши оваа работа и да ги обја­ви резултатите од неа.

Повеќе за животот на проф. Ставриќ може да се прочита тука.

© 2024. Институт за хемија, ПМФ, УКИМ, Скопје.