- м-р Александар Николовски

Предмети



Email a@n.com

Биографија

Александар НИКОЛОВСКИ, виш предавач (во пензија), е роден на 20 јануари 1931 г. во Скопје. Основното образование го завршил во Скопје, а средното во Загреб (средно хемиско училиште). Во 1950/51 г. се запишал на студии по хемија на Филозоф­скиот факултет во Скопје, каде што дипломирал во 1954 г. По дипломирањето стапил на работа (во 1956 г.) како асистент на Катедрата по хемија на Филозофскиот фа­кул­тет во Скопје. Во ова звање бил преизбиран и на Хемискиот институт при Природно-математичкиот факултет во Скоп­је. Во 1969 г. е избран за предавач, а во 1972 г. и за виш предавач на Природно-матема­тичкиот фа­кул­тет. На Хемискиот институт при Природно-матема­тич­­киот факултет во Скопје бил ангажиран со настава по аналитичка хемија, инстру­ментална анализа и техничка анализа (за сту­дентите по хемија). Настава изве­дувал и на постдипломските студии по хемија. Сегашнава физиономија на прак­ти­ку­ми­те по анали­тичка хемија и инструментална анализа е во голема мерка заслуга на вишиот предавач Александар Николовски. Престојувал на спе­цијализација на Институтот „Руѓер Бошковиќ“ во Загреб. Тука работел и се усовршувал во областа на хеми­ја­та на комплексните соединенија, особено на метало-хелатните соединенија во кои како лиганди се јавуваат b-дикетоните. Во 1965/66 г. повтор­но бил на специјализација, овојпат на Вишата техничка школа во Хановер (Германија), како стипен­дист на германската академска служба за размена. Тука ра­ботел на проблеми од спектро­фотометријата (титрации на жива со супсти­туирани дитиокар­бамати). Во текот на работниот век пројавил значителна активност и објавил повеќе тру­дови, дел од кои и во реномирани меѓународни списанија. Објавил 15 трудови од кои 5 во меѓународни списанија (од кои 5 во списанија со impact factor), 6 во списанија во РМ и 2 во зборници на трудови од научни собири. Со свои соопштенија учествувал на поголем број собири (интернационални и национални), презентирајќи ги резултатите од своите истражувања и од групата во која рабо­тел. Учествувал во голем број научноистражувачки проекти што се реализирале на Институтот за хемија. Бил ини­цијатор за воспоставување соработка и прија­ву­ва­ње на проекти со стопан­ството. По негова иницијатива и ангажирање е набавувана инструментација за Институтот за хемија која и денес и служи на својата намена. Бил ментор на голем број дипломци и на тројца постдипломци/магистранти. Од октомври 1992 г. е во пензија.

© 2025. Институт за хемија, ПМФ, УКИМ, Скопје.