Мирко КОРУНОВСКИ, асистент, е роден на 4 јуни 1939 г. во Вевчани, Струшко. Завршил учителска школа во Битола и две години работел како учител во родното село. Во 1964 г. дипломирал на Природно-математичкиот факултет, а потоа три години работел во фабриката за емајлирани садови во Струга. Во почетокот на 1969 г. бил избран за асистент на Хемискиот институт каде што работел до 1976 г. Изведувал вежби по неорганска, општа, како и квалитативна и квантитативна аналитичка хемија. Учествувал во изработката на три научноистражувачки проекти. Објавил два труда во реномирани меѓународни списанија од областа на хемијата и повеќе статии во домашни списанија. Од неговите поважни работи кои, за жал, останаа необјавени, посебно место зазема еден учебник по хемија за VII одделение. По напуштањето на Природно-математичкиот факултет, работел во Средношколскиот училиштен центар за образувание на кадри на УВР, Скопје, а потоа на Педагошката академија и во Републичкиот завод за унапредување на образованието и воспитанието. На 18 јули 1987 г., заедно со својата сопруга, загина во сообраќајна несреќа. Мирко Коруновски беше омилен учител, извонреден асистент и роден педагог којшто пленеше со својата едноставност и скромност. Соработниците секогаш ќе се сеќаваат на неговата инвентивност, сериозниот пристап кон работата, непосредниот и коректен однос кон сите колеги и студенти, но и на веселата природа и спремноста за шега.