- д-р Владимир Маер

Предмети



Биографија

Владимир Маер (Сисак, 14.9.1922 − Загреб, 4.2.2012), рударски инженер, минеролог и петролог. Дипломирал во 1948 година на рударскиот оддел при Техничкиот факултет (Рударско-геолошки-нафтен факултет) во Загреб. Докторирал на истиот факултет во 1955 година со одбрана на дисертацијата „Петрографија и петрогенеза на ултрабазни карпи од Брезовица на северната страна од Шар Планина“. Во текот на Втората светска војна бил референт за рударство во општинскиот народноослободителен одбор Славонија, а по војната, краток временски период раководел со рудниците во Нова Градишка и Раша. Од 1945 година работел на загребскиот факултет, во периодот од 1956 до 1960 година на Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде бил и раководител на минеролошко-петрографскиот оддел на Геолошкиот завод, а од 1960 година повторно се враќа на матичниот факултет во Загреб, каде е избран за редовен професор во 1965 година. Ги предавал предметите Минералогија, Петрологија, Седиментологија, Минералогија на глина, Микрофизиографија на карпи и методи за испитување. 

Бил раководител на Заводот за минералогија, петрологија и економска геологија (1969−83; денес Завод за минералогија, петрологија и минерални суровини), бил првиот Декан (1964 - 1968), а потоа продекан (1969 - 1970) на новооснованиот Рударско-геолошко-нафтен факултет, потоа Декан на Факултетот OOУР Институт за геологија и минерални суровини (1983 - 1987). Во 1991 година се пензионирал. 

Неговата научна работа била од областа на минерологија, петрологија, особено на петрогени минерали, базни и ултрабазни карпи. Најважниот дел од неговата научна работа се однесува на геолошките, петролошките и геохемиските испитувања на офиолит во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, а особено во Македонија. Ги испитувал и метаморфните карпи од савско-дравската област, вулканските карпи, површинските магматски карпи во Македонија (прва основна синтеза на ефузивниот магматизам). Негов важен научен придонес е пронајдокот дека хабазитот не е оптички едноосен, туку двоосен минерал со голем агол меѓу оптичките оски. Учествувал во истражувањата на металогени и рудни лежишта. Бил член на Хрватската академија на науките и уметностите од 1986 година и секретар на одделот за природни науки (1991 - 1997), потпретседател на Македонското геолошко друштво (1957 - 1958), претседател на Хрватското геолошко друштво (1971 - 1972). Добитник е на наградата „Руѓер Бошковиќ“ од 1975 година и награда за животно дело од 1987. Во 2008 година бил избран за емеритус професор на Универзитетот во Загреб.

© 2024. Институт за хемија, ПМФ, УКИМ, Скопје.