Академик Бојан ШОПТРАЈАНОВ, редовен професор (во пензија) е роден на 26 јануари 1937 г. во Чачак, Србија. Основното образование (до 4 одделение) го завршил во 1947 година, во Скопје, потоа учел во Белград и Велес и 3 клас (последен од тогашната прогимназија) го завршил (во 1950 г.) во Велес. Во Скопје матурирал, во гимназијата „Цветан Димов”, во 1955 година. На групата по хемија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Скопје дипломирал во 1960 г.. Постдипломските студии ги завршил (во 1965 година) на Indiana University, Graduate School, Bloomington, IND, USA со магистерскиот труд под наслов „Vibrational Assignment of the Infrared Spectra of 1,2,5-thiadiazole”, здобивајќи се со звањето магистер (Master of Science) по хемија. Докторската дисертација „Спектроскопско испитување на кристалохидрати, со посебен осврт на спектарот на водата – Системи со мошне ниски δ(HOH) фреквенции” ја одбранил (во 1973 г.) на Природно-математичкиот факултет од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. На тогашниот Технолошки оддел на Техничкиот факултет во Скопје во 1960 г. е избран за асистент и таму останал до заминувањето на отслужување на воениот рок (во 1961 г.). За асистент на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет е избран во 1962 г., за доцент е избран во 1962 г., за вонреден професор во 1975 г. и за редовен професор во 1978 г. (преизбиран е во 1987 и во 1993 г.). Бил пензиониран во 2002 г. Во 1994 г. е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите, а во 1996 г. за редовен член на МАНУ. На Техничкиот факултет држел вежби по аналитичка хемија, а на Институтот за хемија, вежби по физичка хемија, физичка хемија I, физичка хемија II, општа хемија за медицинари и општа хемија за стоматолози. Вежби по физичка хемија одржувал и на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, паралелно со држењето, на овој факултет, и настава по предметите физичка хемија I и физичка хемија II. На додипломските студии на матичниот факултет држел настава по поголем број предмети (физичка хемија I, физичка хемија II, спектроскопски методи за определување на молекулски структури, радиохемија, методика на наставата по хемија за хемичари и методика на наставата по хемија за студентите од двопредметните студии хемија–биологија). На постдипломските студии држи настава по предметите методологија на научноистражувачката работа, хемиски примени на груповата теорија и извори на знаење во хемијата и проверка на знаењата, а го предавал и предметот методи за определување на молекулски структури. Настава по физичка хемија одржувал и за студентите по фармација во Скопје и по технологија во Лесковац (Србија). Практично сите овие предмети или прв ги осмислил и ги изведувал или темелно ги реорганизирал. Бил проректор за настава и наука на Универзитетот “Кирил и Методиј” во периодот од 1988 до 1990 година. Претходно бил продекан за настава и наука на Хемискиот факултет и претседател на Извршниот одбор на Хемискиот факултет. Главно подрачје на научен интерес на акад. Шоптрајанов е структурната хемија (особено вибрационата спектроскопија), а речиси подеднакво е заинтересиран за проблеми од образованието воопшто и, секако најмногу, образованието по хемија. На меѓународни научни манифестации презентирал 156 соопштенија (од тоа 2 секциски и 5 пленарни предавања), на општојугословенски научни манифестации надвор од Македонија 81 (од нив 2 пленарни предавања) и на собири во Македонија 114 соопштенија (од кои 3 секциски и 3 пленарни предавања). Своите резултати ги презентирал и на предавања одржани на во Хале и Зиген (Германија), Упсала (Шведска), Лондон (Велика Британија), Москва (Русија) Будимпешта (Унгарија) и во други пригоди. Автор, односно коавтор е на 3 монографски публикации со научен, односно стручен карактер и на 5 монографски изданија со системски карактер. Автор/коавтор е на 4 универзитетски учебници, односно учебни помагала и на 19 учебници, односно учебни помагала за средното образование (од последниве повеќето се објавени во повеќе изданија, а преведувани се и на албански јазик). Бил рецензент на дваесетина трудови во странски списанија и значително повеќе во домашни списанија. Проф. Шоптрајанов е основоположник и прв главен уредник на научното списание Гласник на хемичарите и технолозите на Македонија, а сега е член на Издавачкиот совет на ова списание. Претседател е на редакцијата на списанието Прилози на МАНУ – Одделение за математичко-технички науки. Бил член на издавачките совети на списанијата Хемијска индустрија и Yugoslav Chemical Papers. Бил претседател, односно член на Научните/Организационите одбори на повеќе научни конференции во Македонија и надвор од неа. Бил раководител на голем број меѓународни и домашни научноистражувачки проекти, учествувал во изработката на наставни програми по хемија за основното и средното образование. Бил ментор на 7 кандидати за докторска дисертација, на 9 кандидати за магистерска работа и на поголем број кандидати за дипломска работа. Бил претседател, односно член на голем број комисии за одбрана на докторски, магистерски, односно дипломски работи во Скопје, но и член на комисии за одбрана на докторски дисертации и во Загреб и Љубљана. Во текот на постдипломските студии и подготовката на магистерската работа престојувал една и пол година на Иndiana University во Блоомингтон, САД. Подолги или покуси престои имал на универзитети во Упсала (Шведска), Лондон (Велика Британија), Хале и Зиген (Германија), Москва (Русија). Имал поголем број раководни функции во струката. Бил претседател на Извршниот одбор на Хемискиот факултет, продекан за настава и наука на Хемискиот факултет, проректор за настава и наука на Универзитетот “Кирил и Методиј”. Бил потпретседател и, подоцна, претседател на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Бил член на претседателството на Унијата на хемиските друштва на Југославија и нејзин последен претседател. Бил претседател на Комисијата за спектроскопија при Унијата на хемиските друштва на Југославија. Бил член на претседателствата и на Унијата на хемиските друштва на Југославија и на Сојузот на хемичарите и технолозите на Југославија. Активно членувал и во Југословенскиот координационен одбор за молекулски науки, во Републичкиот педагошки совет, во Комисијата за научни информации при СЗНЈ, а бил и претседател на Комисијата за информатика и статистика при РЗНД на Македонија. Сега е секретар на Одделението за математичко-технички науки при МАНУ; член на Претседателството на МАНУ и претседател на Одборот за ИНТЕРНЕТ при МАНУ. Во два мандата бил претседател на Одборот за доделување на Наградата “Св. Климент Охридски”, а сега е член на овој одбор. Бил член на одборите за доделување на наградите “Гоце Делчев” и “11 Октомври”, како и претседател на комисиите за наука или за образование и наука при сите горенаброени одбори и на Одборот за доделување на Наградата “13 Ноември”. Учествувал во подготовката на поголем број документи што се однесуваат на стратегијата за развој на науката во Македонија, односно на системите за научни информации на Македонија и на поранешна Југославија. Проф. Шоптрајанов зборува течно англиски, руски, бугарски и српски, а се служи и со француски, словенечки и италијански. За успехот во студирањето добил награда за најдобар дипломиран студент на Скопскиот универзитет (1960), а за работата и резултатите од неа добил Благодарница на ПМФ (1986, 1996), Благодарност (1973) од Сојузот на извидниците на Македонија; Повелба за заслужен член на Сојузот на инженери и техничари на Македонија (1977); Сертификат (1978) од Chemical Abstracts Service за „извонреден придонес за унапредувањето на хемиската наука и технологија во текот на повеќе од 10 години успешна работа” како апстрактор во Chemical Abstracts; Плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” (1984); Златна плакета и признание (1986) од Движењето „Наука на младите” на Југославија; Томазиусов медал (1987) од Универзитетот во Хале (Германија); Орден за заслуги за народ со сребрна ѕвезда (1979); Благодарница (1998) од Првиот скопски извиднички одред; Плакета од Приватниот колеџ „Јахја Кемал”; Плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” (1999); Повелба на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” (2003); Награда “11 Октомври” (2005) и други.
Досега објавил 202 статии. Во списанија со фактор на влијание (impact factor), акад. Шоптрајанов објавил 115 статии, во списанија печатени надвор од Македонија (но без фактор на влијание) 14 труда, а еден труд е дел од монографијата Spectroscopy of Emerging Materials. Во списанија објавувани во Македонија, проф. Шоптрајанов има објавено 40 статии (една е прегледен труд), а во зборници на трудови 32 труда (20 во Македонија и 12 во странство). Според еден преглед во SCI, трудовите на проф. Шоптрајанов се цитирани 684 пати во списанија опфатени со оваа публикација, а повеќепати бил цитиран и во монографии. Акад. Шоптрајанов смета дека меѓу неговите позначајни трудови се: B. Šoptrajanov, G. E. Ewing, Infrared and raman spectra of 1,2,5-thiadiazole, Spectrochim. Acta, 22, 1407–1416 (1966); I. Petrov, B. Šoptrajanov, N. Fuson, J. R. Lawson, Infrared investigation of dicalcium phosphates, Spectrochim. Acta, 23A, 2637–2646 (1967); B. Šoptrajanov, M. Ristova, Water-anion vibrational coupling in some crystallohydrates, J. Mol. Struct., 115, 359–362 (1984); B. Šoptrajanov, V. M. Petruševski, Vibrational spectra of hexaaqua complexes : IV. Multiple bands in the hoh bending region of some alums, J. Mol. Struct., 293, 101–104 (1993); B. Šoptrajanov, Very low H–O–H bending frequencies. I. Overview and infrared spectra of NiKPO4 · H2O and its deuterated analogues, J. Mol. Struct., 555, 21–30 (2000) и другите статии од серијата; M. Trpkovska, B. Šoptrajanov, Lj. Pejov, FTIR study of 2,2’-biquinoline complex of dichlorodioxochromium(VI): the CrO2 vibrations, J. Mol. Struct.., 654, 21–26 (2003); B. Šoptrajanov, V. Stefov, H.D. Lutz, B. Engelen, Infrared and raman spectra of magnesium ammonium phosphate hexahydrate (struvite) and its isomorphous analogues. II. The O–H/N–H stretching region vo E.C. Faulques, D.L. Perry, A.V. Yeremenko (Eds.), Spectroscopy of Emerging Materials, Kluwer, 2004, pp. 299–308 и другите статии од серијата.