Д-р Методија ДИМЕСКИ, редовен професор (во пензија), е роден на 24 август 1932 г. во Прилеп, каде што го завршил и средното образование. Во учебната 1950/51 г. се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата за хемија. Дипломирал во 1956 г. Докторската дисертација „Определување на дитиокарбамати, ксантогенати и дитиофосфати со сулфидна јонселективна електрода” ја одбранил во 1981 г. на Хемискиот факултет во Скопје, под менторство на проф. д-р Димче Тошев. По дипломирањето, работел како професор по хемија во средното аптекарско училиште и во Републичкиот секретаријат за внатрешни работи. Во 1959 г. е примен за асистент на Хемискиот институт при Природно-математичкиот факултет во Скопје. За предавач е избран во 1972 г., а за виш предавач во 1975 г. На Хемискиот факултет во Скопје е преизбран за виш предавач (1978 г.) и избран за вонреден професор (во 1981 г.). Од 1987 г. е редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Пензиониран е во декември 1997 г. Проф. Димески е првиот кој почнал да ги воведува студентите по хемија во стехиометриското сметање. При изборот за наставник му бил доделен курсот по одбрани делови од неорганската хемија - курс што го држи и денес за студентите од сите насоки на групата хемија. Изведува настава и по предметот општа хемија за физичари. Научната работа му е од областа на електроаналитичката хемија. Се занимавал со конструкција на јоноселективни електроди. Објавил 29 трудови во списанија издадени во Република Македонија (од кои 2 во списанија во странство) и презентирал 40 соопштенија, претежно на национални научни собири во Македонија. Автор е на повеќе учебници и учебни помагала. Неговата скрипта Стехиометриски задачи (1964) и скриптата Практикум по квантитативна анализа (1968) се едни од првите високошколски учебни помагала од областа на хемијата и неколкупати се преиздавани. Втората скрипта дополнета и изменета е издадена во 1978 г. под наслов Стехиометриски задачи со одговори а потоа е преиздадена повеќе пати. Автор е и на Практикум по општа хемија (1995) за студентите по физика, како и на учебникот Органска хемија (1999). Исто така, автор е и на средношколски учебници по аналитичка хемија: Аналитичка хемија - квалитативна анализа и Аналитичка хемија - квантитативна анализа (1978). Во 2002 издава уште едно учебно помагало за средните школи под наслов Геометриски атлас. Бил претседател на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, во периодот 1984-1986 г. Во два мандата (1985-1987 и 1987-1989 г.) бил раководител на Заводот за неорганска хемија.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 20 | 21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 |
| 27 | 28 | 29 | 30 | 31 | 1 | 2 |
| 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 |
| 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 |
| 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 |