- д-р Јосиф Јанчулев

Предмети



Email j@j.com

Биографија

Д-р Јосиф ЈАНЧУЛЕВ, редовен професор, еден од леген­дарните профе­сори на Институтот за хемија, е роден на 17 октомври 1902 г. во Битола. Средно училиште завршил во Солун (во фран­цус­ки­от лицеј „Mission Laique Francaise”). Студирал хе­ми­ја на фило­зоф­ските факултети во Heidelberg, Freiburg и Greiswald (Гер­манија). Предавања слушал кај врвни про­фесори од тоа време: Lenard, Curtius, Freudenberg, Staudinger, Hückel (некои од нив биле добитници на Нобеловата награда во својата област). Дипломирал во 1930 г. и веднаш почнал да работи врз својата докторска дисертација „Die Hydrie­rungs­pro­duk­te des a- und b-Hydrin­dons”. Во 1933 г., под ментор­ство на проф. Walter Hückel, во Greiswald ја одбранил тезата и се здобил со научен степен доктор на науки. По докторирањето, дошол во Скопје и уредил своја приватна лабора­то­рија за испитување минерални и растител­ни масла, бои, опиум итн. За време на окупацијата не бил во државна служба. Во 1947 г. бил назначен како хемичар во Фабриката за алкалоиди во Скопје. Рако­водел со Одделението за екстракција и испитување на финалните производи. Во овој период е избран и за хонорарен предавач на Филозоф­скиот факултет во Скопје. Од 1948 г. е во редовен работен однос на Факултетот. Во 1951 г. е избран за доцент. На Природно-мате­матичкиот факул­тет во Скопје, во 1958 г., е преизбран во истото звање. За вонреден про­фе­сор е избран во 1959, а за редовен во 1965 г. Во текот на својот работен век за студентите на групата за хемија изведувал настава по органска хемија и стереохемија, како и по биохемија. Држел посебни курсови по органска хемија за студентите биолози и физичари. Три години предавал органска хемија и на Вишата педа­гош­ка школа. Предавал органска хемија и на Техничкиот факултет. Проф. Јанчулев објавил поголем број научни трудови. Повеќепати, во 50-тите и 60-тите години, бил на студиски престои на универзитетите во Загреб, Минхен, Хајделберг и Берлин. Синтезата и својствата на тетраке­тоните, еден од про­блемите со кои се зафатил, и денес сè уште актуелни за испитување. Би можело сло­бодно да се каже дека тој е осново­по­лож­ни­кот на органската хемија во Македонија. Ја организирал работата во лабораториите по органска хемија на Филозоф­скиот, При­родно-математичкиот и Техничкиот факултет во Скопје. Помогнал во набавката на инстру­мен­тација и списанија. Објавил над 20 трудови во научни списанија. Бил еден од плане­ри­те на сегашниот Институт за хемија (тогаш Хемис­ки институт). Бил член на управата на Друштвото на хемичарите и технолозите на СРМ и негов претседател. Долго време бил в.д. шеф на Катедрата за органска хемија при Технич­киот факултет во Скопје. Во октомври 1975 г. е пензиониран. Почина во октомври 1985 г. Неговите колеги и поранешни студенти со гордост се сеќаваат на него како на про­фесор и хемичар од највисок ранг и ги помнат неговиот благороден лик, ведрината и смислата за хумор - хумор полн со свежина.

© 2024. Институт за хемија, ПМФ, УКИМ, Скопје.