Д-р Мирослава ЈАНЧЕВСКА-НИКОЛОВСКА, редовен професор (во пензија), е родена на 31 август 1928 г. во Куманово. Средно образование завршила во родниот град (во Гимназијата „Гоце Делчев”). Во 1947/48 г. се запишала на студии по хемија на Филозофскиот факултет во Скопје. Дипломирала на матичниот факултет во 1953 г. Докторската дисертација "Студии во редот на тиоамидите - прилог кон познавањето на хидрокситиоамидите” ја одбранила во 1965 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје,под менторство на д-р Виктор Хан (од институтот Руѓер Бошковиќ во Загреб). По дипломирањето, во 1953 г., е задржана како асистент на групата за хемија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1967 г. е избрана за доцент, а во 1972 г. за вонреден професор на Хемискиот институт на Природно-математичкиот факултет во Скопје. За редовен професор е избрана во 1979 г. на Хемискиот факултет во Скопје. Од 1988 г. се наоѓа во пензија. На Факултетот била избрана за наставник по предметот одбрани поглавја од органската хемија (за хемичари). По пензионирањето на проф. Јанчулев (во 1975 г.) ја презела наставата и по основниот курс по органска хемија (за хемичари). Во 1985 г. и е доделена и наставата по органска хемија за фармацевти. На постдипломските студии изведувала настава по предметите нови методи во синтетичката органска хемија и механизми на органските реакции. Објавила вкупно 80 трудови (седум трудви во интернационални списанија, 7 трудови во национални списанија надвор од Република Македонија и 59 труда во зборници и национални списанија издавани во Македонија). Нејзините трудови се цитирани 15 во SCI. Автор е и на 58 соопштенија (8 презентирани на интернационални манифестации, 25 на општојугословенски и 25 на национални собири одржани во Македонија). Била раководител на шест научноистражувачки проекти. Била ментор на седум кандидати кои одбраниле магистерска теза и на три кандидати кои докторирале.