- д-р Иван Петров

Предмети



Email i@p.com

Биографија

Д-р Иван ПЕТРОВ, редовен професор, е роден на 3 јули 1922 г. во с. Големо Илино (Демир Хисар). Средно учи­лиште за­вр­­шил во Битола. Учествувал во НОБ (бил на разни ра­ко­­­вод­ни дол­жнос­ти, вклучително командант на бата­лјон). Во 1946 г., фор­­мално сè уште во армијата, се за­­пишал на групата за хемија на штотуку формира­ниот Фи­лозофски факултет во Скоп­је. Во 1949 г. ги про­дол­жил студиите на Природно-ма­те­ма­тич­киот фа­кул­­­тет во Белград, каде што дипломирал во 1951 г. Во 1958 г. прес­тојувал во Љубљана, каде (под ра­ко­­водство на проф. Душан Хаџи, еден од врвните свет­ски ав­то­ритети во об­ласта на спектроско­пијата) ра­ботел на својата докторска дисерта­ција. Доктори­рал на Природно-математич­киот факултет во Скопје во 1960 г. Бил на научни усовршувања на King’s College во New Castle, Англија (10 месе­ци) и на Fisk University, Nashwille, САД (13 месеци). По дипломирањето, бил избран за асистент на Катедрата за хемија на Фило­зоф­скиот факултет во Скопје. Во 1960 г. бил избран за доцент, во 1966 за вон­реден и во 1961 г. за редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скоп­је. Во 1987 г. е пензи­ониран. Како асистент изведувал вежби од повеќе практикуми. Држел настава по фи­зич­ка хемија II (за студентите по хемија) и спектроскопија (за студентите по физика). Настава по физичка хемија одржувал и во Приштина. Во 1963 и 1964 г. кога, по катас­тро­фалниот земјотрес, практично, замрел живо­тот во Скопје, тој (како продекан на Природно-математичкиот факултет) вло­жил огромни усилби за пов­тор­но созда­вање услови за работа. Во тоа време е наба­вена и првата модерна опрема од областа на молекулската спектроскопија. Може сло­бодно да се каже дека, освен што е осно­во­по­лож­ник на спек­тро­ско­пи­јата кај нас, проф. Петров е, покрај проф. Тошев, најзаслуж­ниот за хемијата во Македо­нија во почетниот период на нејзиниот развој. Животната определба на проф. Петров се истра­жувања од областа на молекул­ска­та спек­­троскопија. Заедно со соработниците објавил голем број тру­дови, во спи­санија со врвно реноме: Spectrochimica Acta, Spectroscopy Letters, Journal of Molecular Struc­ture, Zeit­schrift für Anorganische und Allgemeine Chemie итн. Вкупно објавил 45 научни трудови: 21 надвор од Македонија, од кои 15 во списанија со фактор на влијание и 17 во списанија во Република Македонија. Автор е и на голем број соопштенија. Држел предавања на многу универ­зи­тети во светот. Бил пленарен и секциски предавач на по­ве­ќе национални и југосло­венски манифес­тации од областа на хемијата и спектроско­пијата. Бил и рако­во­ди­тел на голем број научноистражувачки проекти. Бил продекан на Природно-математичкиот факултет во Скопје, декан на Хе­мис­­киот факултет (1979-1981 и 1981-1983 г.) и шеф на Институтот за хе­ми­ја (1985-1987 г.). По не­го­ва иницијатива (кон крајот на шеесеттите години) доне­се­на е одлука Природно-мате­ма­тич­киот факултет во Скопје да профилира дипломирани ин­женери по физика и хемија. Заслужен е, покрај другото, и за организирање на ју­го­словенското советување по општа и применета спектроскопија (во 1974 г.) кое от­тогаш станува и научна (а не само апликативна) мани­фес­тација. Добитник е на Медал на трудот, Орден на тру­дот со сребрени зраци, Орден на трудот со златен венец и на Наградата „11 Октомври” за животно дело. Почина во октомври 2004 г. Неговите колеги и поранешни студенти со гордост се сеќаваат на него како на про­фесор од највисок ранг и ги помнат неговиот благороден лик и ведрината.

© 2024. Институт за хемија, ПМФ, УКИМ, Скопје.