Д-р Бојан ПОДОЛЕШОВ, редовен професор (во пензија), е роден на 18 јануари 1932 г. во Велес. Средно образование завршил во родното место. Во учебната 1951 се запишал на студии по хемија на тогашниот Филозофски факултет во Скопје. Дипломирал во 1955 г. Во текот на 1960/61 г. бил на специјализација на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот во Белград, каде што работел на изолација и идентификација на некои природни производи. Докторирал во Белград во 1964 г., бранејќи го трудот „Прилог кон изучувањето на структурата на одделни делови на манила-елеми смола”. Во 1957 г. бил избран за асистент на Хемискиот институт. По докторирањето (во 1965 г.) бил избран за доцент по предметот биохемија. Во 1970 г. е избран за вонреден професор, а во 1975 г. за редовен професор. Во 1982 и 1979 г. е преизбран во истото звање. Од 1 октомври 1996 г. е во пензија. Изведувал настава по предметите органска хемија (за хемичари) и биохемија (исто така за хемичари). Учествувал и во организирањето и изведувањето на постдипломските студии по органска хемија каде што изведувал настава по предметот органска стереохемија. Бил раководител на Заводот по органска хемија и биохемија при Хемискиот институт на ПМФ во Скопје. Научноистражувачката работа му е од областа на синтезата на органски соединенија. Посебен научен интерес му претставувале оксидационите реакции во органската хемија и изолацијата и идентификацијата на природни производи. Бил раководител и учесник во неколку научноистражувачки проекти. Објавил повеќе од 40 труда. Дваесет труда се објавени во меѓународни списанија од кои седум во списанија со фактор на влијание. Според Science Citation Index, објавените резултати од научната работа на професор Подолешов се цитирани 17 пати. За неговата работа во 1987 г. му е доделена Наградата „13 Ноември”.