Д-р Гилберт ФЛУМИАНИ, редовен професор, е роден во 1889 г. во Задар. Студирал и завршил хемија. Докторирал на Универзитетот во Инсбрук (Австрија) во 1916 г. Потоа работел на Филозофскиот факултет во Загреб. Од 1928 до 1946 г. бил професор и шеф на Хемискиот институт при Филозофскиот факултет во Загреб. Во овој период соработувал (од 1928 до 1940 г.) со проф. Милош Младеновиќ кој потоа бил професор по хемија на Универзитетот во Белград. Негов докторант и соработник бил и проф. Божидар Белија, поранешен професор на Медицинскиот факултет во Скопје и хонорарен наставник по биохемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во 1951 г., по покана (без конкурс), управата на Филозофскиот факултет во Скопје го избрала за редовен професор по физичка хемија и шеф на Катедрата за хемија. Освен физичка хемија, по смртта на проф. Крсто Ставриќ, проф. Флумиани предавал и аналитичка хемија. Како искусен и долгогодишен универзитетски професор, тој дал голем придонес во организацијата на работата на Катедрата по хемија и Хемискиот институт. Придонел и во остварувањето контакти со наставници од другите универзитетски центри во Југославија. Од 1951 до 1965 г. бил шеф на Катедрата за хемија на Филозофскиот факултет, односно шеф на Хемискиот институт при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во периодот од 1954 до 1957 г. бил и декан на Филозофскиот факултет во Скопје. Големи се заслугите на проф. Флумиани за изградбата на новата зграда на Хемискиот институт. Во мај 1955 г. ректорот на Универзитетот, д-р Марин Каталиниќ, по предлог на управата на Филозофскиот факултет, донел решение за формирање комисија за локација и програма за изградба на нова зграда на Хемискиот институт. За членови на оваа комисија се определени: проф. Гилберт Флумиани, проф. Крум Хололчев, доц. Крсто Ставриќ и доц. Димче Тошев. Во 1965 г. Деканатот на Природно-математичкиот факултет ја усвоил молбата на проф. Флумиани за негово одење во пензија. Сепак, замолен е да помогне во изведувањето на наставата по аналитичка хемија и во учебната 1965/66 г. Професорот Флумиани почина во Опатија во 1976 г. Постарите наставници го помнат како човек со висока култура, голем хуманист, секогаш готов да ги ислуша студентите, но и наставниот персонал и, по можност, да им излезе пресрет на нивните желби и потреби, во рамките на неговите овластувања. Како таков тој ќе остане во трајно сеќавање на неговите студенти, колеги и пријатели.