Д-р Емил ПОПОВСКИ, доцент, е роден во Скопје, каде што го завршил основното и средното образование. На Хемискиот факултет во Скопје се запишал во 1983 г. и по завршувањето на воената обврска во 1984 г., почнал редовно да ги посетува предавањата. Дипломирал во 1989 г. Во 1990 г. се запишал на постдипломски студии на Институтот за хемија, насока - препаративна органска хемија. Во 1995 г., на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, го одбранил својот магистерски труд под наслов „Синтеза и примена на некои (бензамидометил)триетиламониум хлориди како реагенси за бензамидометилирање” и се стекнал со научниот степен магистер на хемиски науки. Докторската дисертација под наслов „Бензамидометилирање на различни типови соединенија” ја одбранил во 2002 г. на Институт за хемија, ПМФ, Унуверзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Во 1990 г. бил примен на работа (на определено време од три години) како стручен соработник на Заводот за органска хемија и биохемија при Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. По истекувањето на трите години, во 1993 г., бил избран за помлад асистент. Во 1996 г. е избран за асистент во Заводот за органска хемија и биохемија на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет - Скопје. Во 2002 г. е избран во звањето доцент на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, Скопје. До изборот за доцент, држел вежби од предметите: органска хемија за студенти од Институтот за хемија, органска хемија за студенти од Фармацевтскиот факултет, биохемија за студенти од Институтот за хемија, одбрани поглавја од органска хемија за студенти од Институтот за хемија, медицинска хемија за студенти од Медицинскиот факултет. Наставата по предметите органска хемија за биохемичари и хемија на хетероциклични соединенија ја изведува по изборот во звањето доцент. Најголем дел од научноистражувачката активност му е од областа на органската хемија и органските синтези. Досега објавил 16 научни трудови, а 18 трудови презентирал на различни научни собири и манифестации. Неговите трудови се 4 пати цитирани во SCI. Бил ментор-коментор на научноистражувачка работа на повеќе студенти кои своите трудовите ги презентирале на студентски конгреси. Покрај ова, бил ментор-коментор на дваесетина дипломски работи. За популаризација на хемијата подготвувал поголем број на ученици од основното и средното образование за натпревари по хемија. Повеќе пати престојувал на Факултетот за хемија и минерологија при универзитетот во Лајпциг (Германија), а изградил соработка и со Катедрата по хемија на Природно-математичкиот факултет при универзитетот „Неофил Рилски” во Благоевград (Бугарија) како и со Бугарската академија на науките. Бил шеф на Институтот за хемија од 2005 до 2007 г.