Д-р Љупчо ПЕЈОВ, доцент, е роден на 28 јули 1972 г. во Скопје. Основното училиште го завршил во Скопје во 1986 г. Средно училиште го завршил во Медицинскиот училиштен центар “Д-р Панче Караѓозов” во Скопје, отсек за медицински лаборанти, во 1990 г. Во учебната 1991/92 г. се запишал на студии по хемија (насока аналитичко-структурна) на Институтот за хемија при ПМФ кои ги завршил во 1996 г. со просечен успех 10. Бил избран за најдобар студент на Природно-математичкиот факултет во периодот 1995/96 г., како и за најдобар студент на ПМФ во периодот од 1989 до 1999 г. Истата година е примен како стручен соработник на Институтот за хемија на ПМФ. На постдипломските студии на Институтот за хемија се запишал во учебната 1996/97 г. и ги завршил со просечен успех 10. Во 1999 г. е избран за помлад асистент на Институтот за хемија. Магистерската работа носи наслов “Вибрациона анхармоничност и вибрационен Штарков ефект кај изоморфно изолирани тетраоксо анјони”. Вибрационо спектроскопски и квантно-механички испитувања” го одбранил на Институтот за хемија при ПМФ во 2000 г. Истата година е избран за асистент. Докторската дисертација под наслов “Ефекти на латентна симетрија и случајна дегенерација врз вибрационите модови од изоморфно изолирани тетраоксо анјони”, работена под менторство на проф. Петрушевски, ја одбранил на Институтот за хемија при ПМФ во 2002 г. Истата година е избран за доцент. Д-р Пејов држел нумерички вежби по предметите: структура на атоми и хемиска врска, структура на молекули, радиохемија, кристалохемија, одбрани поглавја од физичка хемија, физичка хемија 1 и 2, како и лабораториски вежби по предметите структура на молекули, физичка хемија за фармацевти, физичка хемија за биолози, физичка хемија за двопредметните студии по биологија-хемија, одбрани поглавја од електрохемија. Држел настава по предметите физичка хемија 1 и 2, како и примена на компјутери во биохемијата и молекулско моделирање. Се занимава со неколку области од хемиската физика: квантно-механичко аб инитио моделирање на нековалентно сврзани молекуларни кластери во парна фаза и криогени матрици, динамика на интрамолекуларни торзиони движења, молекулска спектроскопија на примеси во системи во цврста фаза, молекулска спектроскопија на асоцирани молекулски видови во течна фаза, проблемот на вибрациониот Штарк-ов ефект, латентната симетрија и фермиевската резонанца, теориски и експериментални аспекти на водородното сврзување, Jahn-Teller-овски и псевдо-Jahn-Teller-овски системи, теориски аспекти на домаќин-гостин интеракциите кај клатрати, моделирање на течности со комбиниран молекуларно динамички - ab initio пристап, како и со примена на секвенционален Монте Карло - квантномеханички пристап. Досега има објавено 65 научни трудови во списанија опфатени со SCI, 7 трудови во списанија опфатени со CA, 3 трудови во други списанија надвор од земјата, како и 8 трудови во зборници на трудови од научни манифестации (5 во земјата и три надвор од неа). Има презентирано и 62 трудови на интернационални научни манифестации (од кои едно пленарно и едно секциско), како и 27 трудови на научни манифестации во земјата (од кои едно секциско). Избор од позначајните трудови на д-р Пејов е даден подолу: Lj. Pejov, K. Hermansson, On the nature of blueshifting hydrogen bonds: ab initio and density functional studies of several fluoroform complexes, J. Chem. Phys., 119, 313-324 (2003); Lj. Pejov, The O-H stretching vibrations in the hydrogen bonded (phenol)2+ radical cationic dimer. A gradient-corrected hybrid Hartree-Fock-density-functional study, Chem. Phys. Lett., 376, 11-19 (2003); Lj. Pejov, D. Spångberg, K. Hermansson, Using MD snapshots in ab initio and DFT calculations: oh vibrations in the first hydration shell around LI+(aq), J. Phys. Chem. A, 109, 5144-5152 (2005); Lj. Pejov, The O-H···p hydrogen bonded phenol-benzene(+) radical cationic dimer. A gradient-corrected density functional study, Chem. Phys. Lett. 358, 368-376 (2002); M. Solimannejad, Lj. Pejov, A computational investigation of the weakly bound dimers HOX…SO3 (X=F, Cl, Br), J. Phys. Chem. A, 109, 825-831 (2005). Трудовите на д-р Пејов се цитирани вкупно 371 пат. Тој бил рецензент на вкупно 17 научни трудови во интернационални научни списанија (Journal of the American Chemical Society, Journal of Physical Chemistry, International Journal of Quantum Chemistry, Journal of Molecular Structure, Spectrochimica Acta, Vibrational Spectroscopy, Internet Electronic Journal of Molecular Design, Journal of Chemical Education) како и на еден труд во домашно списание. Д-р Пејов бил секретар на Гласникот на хемичарите и технолозите на Македонија во периодот од 2001 до 2005 г., а во моментов е член на Уредувачкиот одбор на ова списание. Д-р Пејов бил раководител на еден домашен и еден меѓународен научноистражувачки проект. Под негово менторство се изработени 4 дипломски работи, а уште една е во завршна фаза. Во моментов под менторство на д-р Пејов работат еден магистрант и еден специјализант. Љупчо Пејов остварил кратки престои на Универзитетот во Упсала (Шведска), Институтот Руѓер Бошковиќ во Загреб (Хрватска), како и на Институтот Јожеф Стефан во Љубљана (Словенија). Тој бил раководител на Заводот за физичка хемија во периодот 2003-2005 г. Член е на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Го познава англискиот јазик. Освен на наградите за најдобар студент на ПМФ, добитник е и на наградата Феникс за научните достигнувања во 2003 г., како и на наградата за најдобар млад научен работник во Земјата за 2004 г. доделена од страна на фондот “Вита Поп-Јорданова” од МАНУ.