Д-р Наташа РИСТОВСКА, доцент, е родена на 1 декември 1969 г. во Котор, Црна Гора. Основното (1984) и средното (1988) образование го завршила во Куманово, а во учебната 1988/89 се запишала на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. На собирот на студентите на природно-математичките факултети од Југославија одржан во Тиват 1991 година, го освоила првото место за презентација на трудот “Екстракција на сребро со дифенилтиокарбамид во n-бутилацетат и негово определување со електротермичка атомска апсорпциона спектрометрија”. Дипломирала на Заводот за органска хемија и биохемија во 1992 со среден успех 9.58 како втор по успех студент од генерацијата на Природно-математички факултет во Скопје. Постдипломските студии д-р Наташа Ристовска ги завршила на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, положувајќи ги предвидените испити со среден успех 10,0, а на 28 април 1999 го одбранила магистерскиот труд под наслов “Синтеза, реакции и структурни испитувања на 3-ацетокси-4’-супституирани бензанилиди и тиобензанилиди”. Во јануари 2008 година ја одбранила докторската дисертација со наслов "Оксидација на тиоамиди со Cr(VI) реагенси", со што се стекнала со научниот степен доктор по хемиски науки.
1993 е примена како стручен соработник на Институтот за хемија при ПМФ-Скопје. Во 1996 г. е избрана за помлад асистент, а во 1999 г. е избрана за асистент на Заводот за органска хемија и биохемија на Институтот за хемија. Во 2013 година д-р Наташа Ристовска е избрана во звањето доцент по група предмети од областа на органската хемија и биохемија на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Уште како стручен соработник, а потоа како помлад асистент и асистент изведувала лабораториски вежби по предметите органска хемија I и II за студентите на групата хемија (сите насоки) и за студентите од Фармацевтскиот факултет, основи на органска хемија со органска технологија за студентите од двопредметните студии, групата биологија-хемија, основи на органска хемија за студентите на групата биологија, потоа хемија на хетероциклични соединенија, хемија на природни производи и синтеза и анализа на група хемија-препаративна насока, хемија на природни производи I,хемија на природни производи II, секундарни метаболити: изолација и својства, експериментална биохемија на група хемија - насока аналитичка биохемија, биохемија I и II за хемичари за студентите на група хемија. Коавтор е на пет интерни практикуми по некои од гореспоменатите предмети. Била ангажирана и во изведувањето на теоретски вежби по предметите органска хемија I и органска хемија II за студентите по хемија (сите насоки), како и теоретска органска хемија за студентите на група хемија. Активно учествувала во оформувањето на наставата и воведувањето нови лабораториски вежби по предметот експериментална биохемија за студентите од група хемија, насока - аналитичка биохемија, од што произлегува интерна скрипта за предавања и интерен практикум. По докторирањето д-р Наташа Ристовска изведувала предавања по овој предмет под менторство на проф. д-р Фроса Анастасова.
Главното подрачје на научен интерес на д-р Ристовска е органската синтеза и анализа, пред сè на биолошко активни соединенија. Учествувала во работата на 5 домашни научноистражувачки проекти. Публикувала 11 научни трудови, од кои 2 во меѓународни списанија со IF, 2 во научни списанија со меѓународен уредувачки одбор и 7 трудови во научни списанија во функција на Зборници на трудови од научни манифестации, од кои 3 меѓународни. Најзначајни објавени научни трудови во изминатиот период се: N. Ristovska, M. Stefova, F. Anastasova, RP-HPLC method for simultaneous determination of thiobenzanilide and its oxidation products: monitoring of the oxidation of thiobenzanilide with the Jones’ reagent, J. Liq. Chromatogr. Rel. Technol., 28, 2391-2401 (2005); P. Naumov, N. Ristovska, F. Anastasova, S. W. Ng, N-(N-phenylbenzimidoyl) thiobenzanilide, Acta Crystallogr: Struc. Rep., E61, o3036-3037 (2005); Ristovska N., Anastasova F., Stefova M., N"-[(3Z)-1-acetyl-5-chloro-2-oxo-1,2-dihydro-3H-indol-3-ylidene]thiocarbonohydrazide, Molbank, M798 (7pp) (2013); Ristovska N., Bogdanovska-Mircevska V., Quality characterization and processing of some tomato varieties, Journal of Hygienic Engineering and Design, 261-265 (2011). Била учесник на 20 научни манифестации, а на 12 од нив е публикуван апстрактот од научната работа која е презентирана.
Четири пати била член на Организациониот одбор на научни собири и член на уредувачкиот одбор на стручно-методското списание Хемко. Од 1996 г. е член на оценувачките комисии по органска хемија, во рамките на движењето “Науката на младите”. Активно ги користи англискиот и српскиот јазик.